ЗА БЛУПРИНТ ГРУПАТА

ЗА БЛУПРИНТ ГРУПАТА

Блупринт групата за реформи во правосудството е неформална мрежа на граѓански организации кои во изминатите години работат и делуваат во областа на правосудството. Блупринт групата преку досегашното следење на Стратегијата за реформи во правосудството (2017-2022) истакна релевантна и професионална експертиза во проценка на квалитетот на предложените мерки и политики во областа на правосудството и се позиционираше како клучен чинител од граѓанскиот сектор кој учествува во реформите во овој сектор. Годишните извештаи на групата укажуваат на тренд на зголемување на вклученоста на граѓанските организации во овие процеси и сеопшто подобрување на транспарентноста и инклузивноста.

Почнувајќи од јануари 2023 година, Блупринт групата го спроведува проектот „За правда – Граѓанските организации за независно и ефикасно правосудство“. Општата цел на проектот е да се зајакне учеството, придонесот и влијанието на граѓанското општество преку Блупринт групата во процесите за реформи на правосудството и пристапување кон ЕУ, а кои се однесуваат на кластерот Основи (Fundamentals).

Законската рамка и капацитетите на правосудните институции значително се унапредија со Стратегијата за реформи во правосудството (2017-2022). Меѓутоа, и покрај подобрувањата во определени области, довербата на граѓаните во правосудството остана на особено ниско ниво.

Се очекува изработка на нова Стратегија за правосудниот сектор (2023 – 2027) година, за што е веќе формирана работна група. Блупринт е дел од работната група која работи на овој документ, каде се залага да се применат научените лекции од претходно со цел да се осигура дека реформите се добро планирани, сеопфатни, а граѓанскиот сектор е активно вклучен при нивно планирање и спроведување. Исто така треба да се даде големо внимание на скрининг процесот што е прва фаза од процесот на преговорите за присапување кон ЕУ. Главен елемент од скринингот е кластер Основи (Fundamentals) каде пак централна улога има Поглавје 23 и делот на правосудството.

Оттука, активностите на Блупринт групата во наредниот период, се групирани во три компоненти. Во првата компонента, се опфатени активности за следење и учество во процесот на изработка на новата стратегија и следење на нејзиното спроведување, со цел осигурување дека граѓаните се информирани за процесите, а институциите се свесни за предизвиците кои треба да се адресираат. Втората компонента има watchdog улога за следење и реагирање по негативни состојби, процеси и поединечни случаи. Ќе се организираат јавни дебати, тркалезни маси и сл. за изложување на негативни состојби со цел да се креираат заложби од клучни чинители за нивно надминување. Третата компонента ќе се стреми кон обебзедување учество и придонес на граѓански организации во аналитичкиот (билатерален) скрининг процес поврзан со кластер Основи (Fundamentals) и Поглавје 23. Оваа компонента ќе започне со одржување напредна обука за претставници на организациите кои се дел од Блупринт групата и други тематски мрежи за методологијата и начинот на спроведување на скрининф процесот како и преговорите во рамки на поглавјето. Ќе се изработи и документ фокусиран на празнини во домашно законодавство, политики и практики како и проблеми и потешкотии со кои државата може да се соочи во процесот на усогласување со Поглавје 23.

Блупринт групата останува посветена на овие процеси и со своето искуство и со својата експертиза ќе продолжи да придонесува за целосно, квалитетно, транспарентно и инклузивно спроведување на реформите во правосудниот систем, со цел воспоставување на принципот на владеење на правото, враќање на довербата на граѓаните во судството и успешни евроинтеграции.

Претходни проекти:

За ПРАВДА – граѓански придонес за унапредување на правосудството (јуни 2022 – декември 2022)

За ПРАВДА – Следење на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството 2021 (април 2021 – јануари 2022)

ЗА ПРАВДА – Следење на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството 2020-2021 (мај 2020 – февруари 2021)

ЗА ПРАВДА – Следење на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството 2019 – 2020 (јули 2019 – март 2020)

ЗА ПРАВДА – Заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување (Јули 2018 година – јули 2019 година)