05 Мај Известување за нови критериуми за избор на судија во Европскиот суд за човекови права
Блупринт групата го поздравува усвојувањето на новата резолуција на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) која се однесува на унапредување на постапката за избор на судии во Европскиот суд за човекови права.
Резолуцијата претставува значаен чекор кон зајакнување на транспарентноста, интегритетот и кредибилитетот на процесите за избор на судии. Со неа се нагласува потребата сите кандидати да поседуваат највисоко ниво на стручност, независност и непристрасност, а самата постапка да биде фер, транспарентна и ефикасна.
Особено значајно е што резолуцијата ја потенцира важноста од значајно професионално искуство и познавање на националниот правен систем, како и потребата од обезбедување родова рамнотежа. Дополнително, се адресираат и прашањата поврзани со навременото поднесување на кандидатските листи, како и ограничувањето на продолжувањето на мандатите на судиите.
Во оваа насока, Блупринт групата неодамна изрази загриженост за начинот на кој се спроведе постапката за предлог кандидатите за избор на судија за ЕСЧП, потенцирајќи дека изборот на судија во ЕСЧП претставува тест за институционалната зрелост и демократскиот капацитет на државата.
Новата резолуција на ПССЕ дополнително ја потврдува важноста од доследно почитување на принципите на транспарентност, инклузивност и избор врз основа на заслуги, принципи кои мора да бидат темел и на националните постапки за избор на носители на правосудни функции.
Во оваа насока уште еднаш потенцираме институциите во Република Северна Македонија да ги усогласат своите практики со овие стандарди и да обезбедат целосно почитување на процедурите, особено во процесите кои директно влијаат врз независноста и интегритетот на правосудниот систем.
Само преку транспарентни, инклузивни и законити постапки може да се изгради доверба во институциите и да се обезбеди вистинско владеење на правото.
Блупринт групата за реформи во правосудството:
- Институт за човекови права (ИЧП)
- Институт за европска политика (ЕПИ)
- Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
- Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
- Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП)
- Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)