11 Дек Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост во врска со повторното активирање на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител
Блупринт групата за реформи во правосудството ја изразува својата сериозна загриженост во врска со начинот на кој се води и повторно се активира постапката за разрешување на државниот јавен обвинител. Начинот на кој оваа постапка се иницираше, беше стопирана, а сега повторно продолжува, отвора значајни прашања за владеењето на правото, непристрасноста и самостојноста на обвинителството и доследноста на институционалните процедури.
Владата претходно ја стопираше постапката без формално повлекување на предлогот, оставајќи го обвинителот во долговремена состојба на неизвесност и институционален притисок. Сега повторно се најавува продолжување на процесот и покрај негативното мислење на Советот на јавни обвинители, како и без јасно образложение на фактичките и правни основи на кои се води оваа постапка.
Ваквата недоследност го нарушува принципот на правна сигурност и создава ризик од политичка инструментализација на еден строго правен механизам.
Владата во неколку јавни настапи изјави дека државниот јавен обвинител сторил „крупна професионална грешка“, но не соопшти каков пропуст точно се смета за основ за поведување на постапката за разрешување, според кои факти и показатели е утврдено дека постојат основи за иницирање на постапката, ниту пак како ова се вклопува во законските критериуми за одговорност. Имајќи предвид дека минималните стандарди на јавност и отчетност бараат секоја ваква постапка да биде јавно и транспарентно образложена, отсуството на овие информации сериозно ја поткопува довербата во намерите и во правичноста на процесот.
Особено загрижува што Владата, која претходно тврдеше дека ја стопира постапката за да не ги попречи истражните дејствија за пожарот во Кочани, сега повторно ја активира истата постапка токму во време кога се водат чувствителни истраги за можни пропусти на службени лица. Ова создава силен ризик од погрешни интерпретации во јавноста, вклучително и перцепцијата дека постапката може да се злоупотреби за политичка заштита или одвлекување внимание, што ги повредува чувствата и очекувањата на оштетените и семејствата на загинатите.
Европската комисија во последниот извештај за напредокот на Северна Македонија забележува дека перцепцијата за влијание на извршната и законодавната власт врз обвинителството и судството останува висока, нагласувајќи дека ваквите практики ја поткопуваат довербата во правосудството и во неговата способност да функционира независно и непристрасно. Дополнително, Венецијанската комисија во своите мислења за реформите на јавното обвинителство нагласува дека изборот и разрешувањето на државниот јавен обвинител треба да се вршат со што е можно пошироко парламентарно мнозинство. Целта е да се избегне впечаток дека процесот е резултат на партиско мнозинство или политичка калкулација, а не на стручни и објективни критериуми. Во таа насока, неопходно е да се нагласи дека јавното обвинителство, согласно уставниот поредок, не е дел од извршната власт, ниту смее да функционира под нејзина хиерархиска контрола. Фактот што Собранието го избира и разрешува државниот јавен обвинител на предлог на Владата не подразбира неограничена и дискрециона моќ на политичките органи да избираат или разрешуваат обвинители. Напротив, овој модел подразбира зголемена институционална одговорност, транспарентност и потреба за посебни заштитни механизми кои ќе спречат каква било форма на политичко влијание врз обвинителската функција.
Во контекст на оваа постапка, овие препораки се особено релевантни и алармантни.
Начинот на кој постапката се водеше до сега, го засилува впечатокот дека механизмите за одговорност може да бидат користени селективно, што дополнително ја нарушува јавната доверба во институциите. Секој чекор кој дури и делумно остава впечаток на политички мотиви може да има долгорочни штети врз кредибилитетот и стабилноста на правосудниот систем.
Поради ова, сметаме дека е неопходно да се направи:
- Итно, детално и јавно објаснување на основите за продолжување на постапката.
- Објавување на сите факти и аргументи во поткрепа на постоење на крупна професионална грешка.
- Почитување на препораките на ЕК и Венецијанската комисија за зајакнување на непристрасноста и самостојноста на обвинителството.
- Строга гаранција дека постапката нема да влијае врз или да се користи во контекст на тековните истраги за трагедијата во Кочани.
- Воспоставување транспарентен, предвидлив и правично структуриран процес, ослободен од политички интерпретации.
Довербата во правната држава се гради преку доследни и транспарентни постапки, особено кога се однесуваат на највисоките обвинителски функции. Блупринт групата апелира институциите да постапуваат со максимална одговорност, почитувајќи ги највисоките стандарди на независност и јавност, како дел од напорите за изградба на стабилен, професионален и независен правосуден систем.
Блупринт групата за реформи во правосудството:
- Институт за европска политика (ЕПИ)
- Институт за човекови права (ИЧП)
- Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
- Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
- Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП)
- Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)