14 Ное БЛУПРИНТ ГРУПАТА ЗА РЕФОРМИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО ЈА ПОДДРЖУВА РЕАКЦИЈАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ, ВРХОВНИОТ СУД И ЗДРУЖЕНИЕТО НА СУДИИ
Блупринт групата за реформи во правосудството ја поддржува реакцијата на Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии, нагласувајќи дека неаргументираните напади врз судството го поткопуваат демократскиот принцип на рамнотежа меѓу трите власти и дека е од суштинско значење да се почитува судската власт како независна власт за да се зачува владеењето на правото и европската перспектива на земјата. Токму тоа е истакнато и во Извештај на ЕК, каде јасно е нагласено дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт.
Очекуваме овие институции да продолжат со проактивно и координирано дејствување за зајакнување на независноста и професионалноста на судството.
Реакцијата на Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии можете да ја прочитате подолу:
„Соопштение на Судски совет, Врховен суд и Здружение на судии
Господине Премиер,
Веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите.
Судскиот систем никогаш не генерирал долгови, па оттаму нејасно е каква е поврзаноста на судството со државниот долг од 2 милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега. Сосема спротивно, токму судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од Буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците и сл.
Последниот извештај на ЕК, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт. Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за Европската перспектива на земјата.
Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат.
Судски совет
Врховен суд
Здружение на судии“
(преземено од веб-страницата на ССРСМ)
Блупринт групата за реформи во правосудството:
- Институт за европска политика (ЕПИ)
- Институт за човекови права (ИЧП)
- Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
- Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
- Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП)
- Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)