30 Апр БЛУПРИНТ воспоставува дијалог со засегнати страни за негативни состојби во правосудството
Блупринт групата на граѓански организации организираше три тркалезни маси со цел да посочи на негативни состојби во правосудството и кои влијаат на пристапот до правда на граѓаните.
На ден 21ви март 2024, се одржа тркалезна маса на тема „Надоместок на жртви од кривични дела со насилство – Што се случи со системот за исплата на паричен надоместок за ублажување на последиците од кривичното дело со насилство што го претрпела жртвата?“. Целта на настанот беше да се идентификуваат состојбите и предизвиците при имплементацијата на законот како и воспоставување дијалог меѓу релевантните засегнати страни во врска со потенцијалните решенија и/или стратегии за унапредување на ефикасноста на системот за исплата на паричен надоместок.
Законот е од големо значење и Блупринт групата го поздравува ваквото законско решение преку кое може да се обештетат и жртви на насилство во случаи кога нема познат сторител и не е поведена кривична постапка. На тркалезната маса произлегоа низа заклучоци, меѓу кои и: потреба од информирање на јавно обвинителство и полиција во однос на нивната надлежност да издаваат потврди за постапката пред Комисијата; БПП треба да биде достапна при пополнување на барање за надоместок од жртвите; промоција на законот пред даватели на БПП, како и кампања за промоција на законот, за што организациите од Блупринт групата, како и други здруженија што се добро препознаени од локално население можат да помогнат при промоција на законот и запознавање на населението. Блупринт групата може да даде поддршка на Комисијата и е отворена за соработка.
На ден 12ти април 2024, се одржа тркалезна маса на тема „Како да се обезбеди пристап до вештак за корисниците на правото на бесплатната правна помош?“. Целта на настанот беше да се идентификуваат предизвиците со кои се соочени корисниците и барателите на секундарна правна помош за предмети во кои е потребно изработување на вештачење, како и да се дискутираат потенцијални решенија за унапредување на пристапот до вештачење во ситуација кога се уште постои законска уреденост дека истото се спроведува преку Бирото за судски вештачења.
Законот за бесплатна правна помош е особено значаен од аспект на приближување на граѓаните и другите лица до правдата. Новините во Законот за вештачење беа неопходни, но од аспект на Законот за бесплатна правна помош се покажаа како преуранети поради предизвиканиот системски проблем; односно претстојното менување и дополнување на ЗБПП е веќе задоцнето, што би требало да се одвива во парален процес со ЗВ. Едни од заклучоците кои произлегоа од тркалезната маса се итно и неодложно менување на ЗБПП, а до моментот на измена и дополнување на законот Министерството за правда како централен орган за имплементација на законот да изнајде практично решение.
На 26ти април 2024, се одржа тркалезна маса на тема „Судии-поротници во кривичната постапка“. Целта на настанот беше да се идентификуваат проблемите и предизвиците кои се појавуваат во недостигот на судии поротници; да се креираат препораки и решенија за ефикасноста на судските постапки при промена на судии поротници како и да се разгледаат можностите за унапредување на законските одредби кои се однесуваат на судиите поротници.
Настанот предизвика плодна дискусија и споделување искуства од различни професионалци. Присутните претставници на обвинителство, судство, невладин сектор, адвокатура и Министерство за правда, уште еднаш потврдија дека потребно е да се работи на длабинско истражување за состојбите со поротниците во насока на зајакнување и унапредување на нивната улога во судскиот систем бидејќи проблемот со недоволен број поротници е реален. Еден од заклучоците на настанот беше потребата од едукација и обуки на судски поротници како и разработка на систем за одговорности на судиите-поротници.
Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството останува доследна на следење на негативните состојби и покренување на конструктивни дискусии со сите засегнати страни со цел нивно соодветно адресирање.