Блупринт групата до Претседателот на РСМ испрати барање за непотпишување на указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, донесен на 6 септември од Собранието на Република Северна Македонија

Почитуван г-дине Пендаровски,

Блупринт групата за реформи во правосудството бара од Вас, како претседател на Републиката да го искористите Вашето уставно овластување и да не го потпишете указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, донесен на 6 септември од Собранието на Република Северна Македонија на 125-тата седница. Со измените и дополнувањата, меѓу другото, се интервенираше во правната уреденост на три кривични дела, Злоупотреба на службената положба и овластување, Несовесно работење во службата и Злосторничко здружување, на начин што меѓу другото се намалија законски предвидените казни за овие кривични дела.

Сметаме и убедени сме дека постапката во која беа донесени овие измени и особено нивната содржина во однос на горенаведените кривични дела се во целосна спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и целосно го поткопува. Нивната примена во практиката, во случај на нивно стапување во сила, ќе предизвика несогледливи и непоправливи последици во однос на борбата против организираниот криминал и корупција и продолжување со хроничната неказнивост на високите функционери.  

                Најпрво, самата постапка во која Владата ги предложи измените беше целосно нетранспарентна, не етична и во спротивност со прописите кои ги уредуваат процесите за проценка на влијание на регулативата. Било каква интервенција во казненото законодавство и особено во однос на казнената политика, бара сеопфатна и детална анализа и стручна дебата. Такво нешто во овој случај отсуствуваше. Иако постои работна група во рамки на Министерството за правда која работи на нов Кривичниот законик таа беше заобиколена. Дополнително, предлогот на новиот Кривичен законик беше објавен на ЕНЕР во 2022 година, а овие измени во однос на овие три кривични дела не беа предвидени. Дебата со стручни лица немаше, ниту пак во образложението за потребата од измена на законот е образложено зошто се намалуваат казните за споменатите кривични дела. 

                Понатаму, самата постапка беше во спротивност со принципите на добро владеење. Очигледен беше обидот да во рамки на поширики измени, со кои се воведуваат нови кривични дела за кои неспорно е дека се неопходни и потребни (пр. кривичните дела против животната средина), се затскријат свесно спорните измени. Злоупотребата на т.н. европско знаменце и покрај повеќето забелешки од Европската Комисија и овој пат беше случај. Спорните измени ниту се предвидени во европското право ниту пак казнената политика и висината на казните оправдува носење закони во ваква постапка. Од достапните коресподентни табели во кои е даден преглед на релеватните документи на ЕУ со кои прописот се усогласува, не се спомнати и оценети двете спорни одредби.  

Во однос на содржината на измените, доколку стапат на сила, тие ќе го декриминализираат целокупниот висок криминал сторен од вршители на јавни функции во последните две децении. Без образложение значително се намали казната за различните облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ со намалување на казната од најмалку 3 години затвор на казна од 1 до 4 години затвор. Понатаму за членот 394 „Злосторничко здружување“ се намали казната до 10 години на казна до најмногу 3 години. Во однос на делото „Несовесно работење во службата“, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета се ограничува максималната казна на 5 години за разлика од сегашното уредување каде максималната казна е 20 години.

Потсетуваме дека и во 2018 година во постапка за усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција беше извршено намалување на казните за определени кривични дела со што се овозможи во дел од предметите  иницирани од СЈО да се изречат помали казни, вклучително и условни осуди, како на пример во предметот „Труст“. Дел од граѓанските организации и во тој период јавно реагираа и бараа предлогот да биде повлечен од собраниска процедура, меѓутоа тоа не се случи, а веднаш по донесувањето на конкретните измени истите имаа веќе ефективно влијание во гореспоменатиот предмет.

Последиците доколку овие предлози се донесат како закон ќе бидат особено погубни за борбата против криминалот и корупцијата. Покрај праќањето порака дека ова дело не е помалку општетствено штетно од претходно (што се прави со намалувањето на казната) тоа ќе има влијание и преку намалувањето на рокот за настапување на апсолутна застареност. Ова од причина што, пресметувањето на роковите за застареност е директно поврзано и зависи од видот и висината на пропишаната казна за одделно кривично дело, без разлика дали станува збор за застареност на кривичното гонење или пак на извршувањето на казната.

Следствено на ова, предложените измени во Кривичниот законик неспорно ќе имаат влијание и врз судбината на судските постапки иницирани од страна на Специјалното јавно обвинителство, а кај кои што постои опасност од настапување на апсолутна застареност, односно предметите со работен наслов: Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија.

Уставот на РСМ иако забранува ретроактивна примена на прописи, прави исклучок доколку подоцнежниот пропис е поповолен за граѓаните. Идентично уредува и Кривичниот законик во членот 3. Со други зборови лицата кои ги сториле овие дела во последните 10 до 15 години ќе имаат непосредна корист и ќе избегнат кривична одговорност. Со оваа политика ќе се зголеми недовербата на граѓаните бидејки ефектот од истата е уште поголема неказнивост на сторителите на кривичните дела кои засегаат во сферата на јавниот интерес (корупција, организиран криминал итн).

За крај, не помалку важно, доколку овие измени влезат во сила, а како што впрочем и самиот Кривичен законик предвидува, покрај остварувањето на правдата, постоењето на казненоправниот систем има за цел и превенција, што значи дека со казнувањето треба да се овозможи и остварување на специјална и генерална превенција. Со ваквото намалување на пропишаните казни, а имајќи ја предвид исклучително тешката и сериозна моменталната состојба во државата во поглед на справувањето со организираниот криминал и корупцијата, навистина е дискутабилно дали во иднина ќе може да се постигне во прв план специјалната, а потоа секако и генералната превенција. Дотолку повеќе што, остварувањето на превентивната цел со казнувањето, било да станува збор за едниот или другиот вид на превенција, првенствено зависи од видот и висината на пропишаната казна, односно нејзината пропорционалност со тежината на стореното кривично дело.

                Без да навлегуваме во причините за овие измени би сакале да потенцираме дека извртувањето и злоупотребата на правото и правниот систем заради остварување на било какви краткорочни политички цели е секогаш лош пристап кој ќе има несогледливи последици врз нашето општество. Затоа, полагаме надеж дека ќе ги ефектуирате Вашите изјави и залагања за неопходноста на искоренување и прекинување на културата на неказнивост на високи функционери, како и практично оспособување за справување со тешки облици на организиран криминал и корупција. Бараме од Вас, како претседател на Републиката да застанете зад владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и да одбиете да го потпишете указот за прогласување на овој закон.

              

  Со почит,

                Блупринт група за реформи во правосудството